Да се поттикне и индустриска политика за да се намалува невработеноста

10.04.2017 10:22

Економскиот раст не е доволен за позначително намалување на невработеноста, за стапката да се спушти под 10 проценти. Потребни се структурни реформи на пазарот на труд- оценуваат домашни и странски економисти. За Македонија велат- приоритет е поголема поддршка на приватниот сектор, за да може да генерира нови вработувања.

Економскиот раст не е доволен фактор за намалување на стапката на невработеност, ефект од странските инвестиции и активните мерки за вработување има, но поголем акцент Земјите од Југоисточна Европа да постават на приватниот сектор и промените во регулативата на пазарот на труд- сугерираат меѓународните експерти. Субвенциите го помагаат директното отворање нови работни места за заштитени занимања, но за одржлив економски развој треба да се поттикне индустриската политика.

„Меодамна видовме намалување на невработеноста, особено во Македонија која бележи позитивен развој, но потребно е да се решат и други прашања, да се стигне до нивото што го гледаме во други делови од Европа, дефинитивно под 10 насто. Тоа не го овозможува само растот. Потребни се промени во регулативите но и промени во начинот на кој луѓето се вклучуваат на пазарот за труд. Односот кон жените, кон неактивните, каде што треба да се направат дополнителни напори“, вели Василис Монастириотис, директор на Институтот за ЈИЕ, Лондон.

Долго време мислевме дека макроекономската стабилност и економскиот раст сами по себе ке ги решат проблемите на пазарот на труд, но искуствата од развиените земји и со мала невработеност покажуваат - неопходно е проширување на активните мерки за млади по теркот на европските програми, велат економистите. Сугерираат да се работи и на структурните елементи што ги попречуваат фирмите да растат и создаваат нови работни позиции.

Институциите во земјите од регионот да не се фокусираат на моментални резултати да поттикнат политики што ке обезбедат континуиран пад на невработеноста на долг рок.

„Кај активни мерки, од една страна имате креатори на политики кои се фокусираат и го потенцираат успехот, на пример, како со субвенционирање може да се креираат нови работни места и колку се успешни во тоа. Од друга страна има многу критики за таквиот вид на интервенција, бидејќи не му дава поттик на приватниот сектор, на компаниите да отворат нови работни места. Понекогаш треба да се даде поттик, да не се фокусира веднаш на ефектот на кус рок, да се разгледаат политиките за кои е потребен подолг период“, изјави Монастириотис.

Според последниот извештај на Светската банка, повеќето работни места и ниските цени генерираат намалување на сиромаштијата.

Сузана Фиданска Стоевска