Расте извозот на прехранбената индустрија

10.04.2017 10:34

Домашната прехранбена индустрија фати залет. Го зголемува извозот на странските пазари. Европа е најважниот трговски партнер, но се прави обид да се освои и дел од колачот во земјите од МАГРЕБ и на Блискиот Исток. Главен услов се континуирани инвестиции и исполнување на стандардите.

Педесетина домашни компании од прехранбената индустрија, од кои само неколку поголеми, лани на странските пазари успеале да извезат производи вредни над 35 милиони евра. Официјалната статистика бележи зголемување на извозот за 28,5% во однос на нивото од 2013-та, односно за 3% повеќе во однос на 2015-та. Домашниот пазар е мал за производствените можности, особено на најголемите компании и тие се насочени кон странските пазари. Макпрогрес од Виница за три години инвестира 8 милиони евра во нови производствени линии во кои се вработени 120 лица.

„Околу 80% оди на странските пазари или во бројки тоа се околу 20 милиони евра годишен извоз на прехранбени производи излегуваат од погоните на „Макпрогрес“. Има околу 55 пазари и тој број варира во последниве две години“, изјави Глигор Цветанов, Макпрогрес- Виница.

Најголем дел од извозот се пласира на пазарите во Централна и во Југоисточна Европа, Западниот Балкан, но значајно е учеството и на Романија, Грција, Чешка, Словачка. Сѐ повеќе расте извозот на германскиот и на италијанскиот пазар, Северна Африка. Освојувањето нови пазари бара повеќе време, едуциран кадар, но и средства за истражување на специфичните барања на потрошувачите.

„Продаваме исто и во земјите од МАГРЕБ и на Блискиот исток, каде оди 10% од вкупното производство, само во овој регион. Имаме и два нови пазара, тоа се Мароко и Малта и очекуваме тие да се разработат“, вели Цветанов.

Услов за експанзија на извозот на македонските производители од кондиторската бранша е да се имплементираат сите поважни светски стандарди за квалитет: ХАСАП, ИФС, ХАЛАЛ, Кошер што ги бараат одредени пазари, како и специфичните барања на големите трговски синџири. Се подразбира одржување висок квалитет на секоја испорака и исполнување на барањата на странските дистрибутери, вели Цветанов. Според него, македонските производители треба да ги менуваат навиките и да бидат редовни учесници на најголемите светски саеми на прехранбени производи, каде што се присутни и најголемите дистрибутери, а поголем дел од трошоците за ваквите настапи ги покрива државата.

Свето Николовски