Вонредна состојба во Египет по масакрот во Коптските цркви

10.04.2017 12:31

Бомбаши-самоубијци од Исламска држава усмртија 44 луѓе. Војската е распоредена на целата територија на Египет. Според Обединетите нации, ова е сериозна закана за светскиот мир.

Египетскиот претседател Абдул Фатах Ал-Сиси прогласи тримесечна вонредна состојба по самоубиствените-бомбашки напади во две коптски цркви во кои загинаа 44 луѓе. Мерката, воведена за полицијата да успее да апси и да врши претреси без налози, треба да биде одобрена од парламентот. Војската е распоредена на целата територија на Египет.

„Тажни и вознемирувачки инциденти. Кој има корист од нив? Не знам што да кажам. Каде е валдата? Се соочуваме со ужас.“

„Сакаме да сме безбедни, мора да се бориме за тоа. Владата мора да се бори за Христијаните.“

„Ова се терористички напади врз народот. Секаде постои екстремизам, мора да се обединиме сите против него.“ 

„Браќа сме, што и да се случи. Ова не се напади врз христијанството, туку врз египет. Но нема да не разделат, ние сме едно“, велат жителите.

Исламска држава презеде одговорност за експлозиите во Танта и во Александрија за време на христијанскиот празник Цветници. Во едно од соопштенијата на џихадистите се вели: „Крстоносците ни должат многу и долгот ќе го платат со реки крв од нивните деца. Чекајте нѐ зашто и ние ве чекаме вас“.

Експлозиите се случија неколку недели пред неочекуваната посета на Папата Франциск со која ја демонстрира поддршката за христијаните кои се 10% од населението во Египет.

Коптската православна црква е главната христијанска црква во земјата. Според верувањето, црквата датира од 50-тата година од новата ера кога апостол Марко го посетил Египет и станал прв Александриски епископ. На Четвртиот вселенски собор во 451 година се одделила од другите христијански движења поради спор околу човечката и божествената природа на Исус Христос. Раната црква била гонета во Римското Царство, а прогонство се случувало и откако Египет станал муслиманска земја.

 

Маја Филдишев