Јанакиески повика на транспортна либерализација во регионот
Потребна е целосната либерализација на превозот на стоки во регионот, која ќе придонесе за зајакнување на економската соработка меѓу земјите...

Потребна е целосната либерализација на превозот на стоки во регионот, која ќе придонесе за зајакнување на економската соработка меѓу земјите, а ќе донесе и голем број бенефити, соопшти денеска министерот за транспорт и врски на Македонија, Миле Јанакиески на средбата на министрите за транспорт на државите во југоисточна Европа, која се одржа во Тирана, Албанија.
За да се оствари ова, Јанакиески побара и поддршка од претставниците на Европската Комисија.
На средбата министерот Јанакиески ги презентираше главните инфраструктурни проекти и активности кои се реализираат во Република Македонија, меѓу кои и изградбата на двата нови автопати Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, чиј почеток се очекува овој месец и изградбата на првата делница од пругата кон Бугарија, дел од Коридорот 8, што се очекува да започне во текот на следниот месец.
Исто така, Јанакиески ги информираше своите колеги за тековниот јавен повик за изнаоѓање на компанија со цел реализација на проектот за гасификација на скопскиот регион.
Земји учесници на конференцијата се Албанија, Косово, Црна Гора, како и членови на Делегацијата на ЕУ и генералниот менаџер на Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа (SEETO).
