Ново продолжение на конститутивната седница

10.04.2017 15:07

Социјалдемократите бараат да се гласа за претседател на Собранието, другата страна порачува дека не смее да се крши Деловникот.

Во Собранието, продолжи конститутивната седница. На дневен ред е предлогот за состав на Комисијата за избори и именувања. Реплики за Тиранската платформа, процедурални забелешки– кој е патриот, а кој предавник. Ова беа главните пораки од салата во Закодавниот дом.

Социјалдемократите бараат да се гласа за претседател на Собранието, другата страна порачува дека не смее да се крши Деловникот.

Оливер Спасовски оцени дека расправата се одолговлекува и оти најмалку има плодна дебата од која ќе произлезат сериозни аргументи со кои ќе се расчистат дилемите во јавноста.

Бараме врз основа на член 78 став 2 со поддршка од 10 пратеници да биде донесена одлука да преминеме на четвртата точка. Се додека не слушнам еден аргумент кој ќе го побие став 2 од членот 78 или да се прочита друга одредба што ќе укаже на тоа дека не сум во право ќе барам, а Вељаноски е должен да го стави на гласање тој предлог, рече Спасовски.

Според Антонијо Милошоски се прави деловничко насилство, затоа што, како што рече, Заев има ограничен временски период да го испорача она што го ветил и оти сега Деловникот треба да ја плати цената.

Не може Деловникот да биде жртва и слободата на говорот на пратениците избрани од народот да бидат помалку важни од изборите и изборната демократија од она што е договорено по изборите, посочи Милошоски.

Според информациите што ги добил претседавачот на конститутивната седница Трајко Вељаноски, за процедурални забелешки досега се потрошени 1.095 минути.

Продолжението на конститутивната седница е по редновната едночасовна пауза