Студентите се вселуваат во реновираниот Блок А од „Гоце Делчев“
Студентите почнаа да се вселуваат во реновиранот блок а од студентскиот дом „Гоце Делчев“. Подобри услови, нов мебел, нови прозорци, лифт, парно - вака изгледа обновениот блок во кој се инвестирани околу 1,5 милиони евра. Досега целосно беше реновиран и Блокот Б, а во наредниот период ќе се обноват и преостанатите два блока.

Студентите од студентскиот дом „Гоце Делчев“ почнаа да се вселуваат во обновениот Блок А. Нов мебел, нови прозoрци, лифт, парно - подобри услови за школување. Преселувањето се врши етапно, секој ден се вселуваат по два ката, а за две недели се очекува околу 300 студенти да добијат подобри услови за живот.
„Слободно можам да кажам дека блокот е фантастично направен. Исто така, со реновирањето на овој блок добивме и перални и сушални кои што ни беа неопходни. Се надевам дека трендот на реновирање на студентските домови ќе продолжи натаму. Апелирам до сите студенти што е можно повеќе да се зачува и да се одржува хигиената во реновираните блокови“, вели Даниел Јовески- студент.
Во минатото студентите немале основни услови за живот во овој дом. Испукани и мувлосани ѕидови, руинирани тоалети, искршени врати и прозорци, неисправна водоводна и електрична инсталација- се присетуваат студентите на лошите услови во кои престојувале.
„Имаше проблем и со топлата вода, се надеваме дека тој проблем ќе биде решен. Собите се многу убави, тоа ќе ни даде поголема мотивација побрзо да завршиме факултет“, вели Климент Илиев- студент.
Во реконструкцијата на Блокот А, Министерството за образование инвестираше речиси 1,5 милиони евра. Досега целосно беше реновиран и Блокот Б. Наскоро ќе почне реконструкцијата и на преостанатите два блока В и Г.
Андријана Атанасовска
