Берзи: Регионалната платформа за тргување дава резултат
Берзите од регионот се собраа на конференција во Белград. Иако сопственички не се поврзани, заклучија дека заедничката платформата за тргување дава резултат. Пазарната капитализација надминува 38,5 милијарди долари. Се очекува зголемување на бројот на трансакции...

Над 70 брокери и преставници од 7 пазари и од 8 берзи во регионот, во Белград на 2-та Конференција на СЕЕ Линк разговараа за зголемување на соработката и на трговијата преку поттикнување на конекцијата меѓу берзите. СЕЕ Линк платформата и компанијата од Скопје чија цел е создавање на заеднички регионален пазар, ги обединува берзите од Загреб, Софија, Скопје, Белград и Љубљана, а при крај се преговароти и со берзите од БиХ, Црна Гора, како и од Букурешт и Атина.
„Во овој период кога сите берзи се соочуваат со слаба ликвидност на пазарите, ова е еден обид за проширување на соработката и поинтензивно прекугранично тргување на пазарите во регионот“, вели Дарко Сима, управител на СЕЕ Линк.
Со создавањето на потребната инфраструктура за трговија, СЕЕ Линк проектот преку берзите придонесува за раст на регионалниот пазар на капиталот. На конференцијата брокерите преку билатерални контакти се анимираа како преку користење на платформата да се зголеми бројот на трансакции. Сето ова има големо значење за Македонија- изјави првиот човек на Македонската берза.
„Тоа значи отварање на македонскиот пазар на полесен и поедноставен начин да е подостапен за другите инвеститори и брокери од регионот. И обратно- отварање на инвестициски канал за нашите брокери и инвеститори да вложуваат вишоци на средства во најдобрите компании во регионот“, нагласи Иван Штериев, извршен директор на Македонска Берза.
СЕЕ Линк проектот обединува 5 пазари со вкупна капитализација од 38 милијарди долари и над 500 акции, со вклучени 27 инвестицијски организации.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
