Конститутивна седница: СДСМ за спикер, ВМРО-ДПМНЕ за деловник
Десетти ден конститутивна собраниска седница. Социјал-демократите остануваат на барањето да се премине на гласање на нов претседател на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ одговара- со таква постапка ќе се се прекшри Деловникот, тоа нема да го дозволиме. Продолжуваат процедуралните забелешки.

Десетти ден конститутивна собраниска седница. Социјал-демократите инсистираат да се гласа за претседател на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ одговори дека Деловникот не смее да се крши и треба прво да заврши точката за избор на членовите на Комисијата за избори и именувања, а потоа да се премина на следната.
„Бараме врз основа на член 78 став 2 со поддршка од 10 пратеници да биде донесена одлука да преминеме на четвртата точка“, рече Оливер Спасовски.
„Не може започната точка и започната расправа да биде прекината само затоа што на некого му се брза да ја испорача ветената платформа која што е уцена за некој да стигне на власт“, нагласи Антонио Милошоски.
„Деловникот за работа на Собранието не смее да биде жртва за да се испорача ветеното од СДСМ кон албанските партии“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ и понатаму бара Вељаноски да не претседава со седницата.
„Немате право да го толкувате деловникот во функција на претседавач на конститутивната седница на Собранието“, изјави Петре Шилегов.
„Замислете што ќе се случи доколку го усвоиме вашиот предлог. Утре пак ќе имаме седница - се усвојува дневниот ред, почнуваме по првата точка, нас не ни се допаѓа дискусијата, десет пратници гласаат и одиме на втората“, рече Зоран Илиоски.
1.100 минути за процедурални забелешки, 520 за реплики. Ова е досегашната минутажа. Конситутивната седница продолжува.
Миле Ристески
