Нил Горсич назначен за судија во американскиот Врховен суд

11.04.2017 10:17

Историски настан во Белата куќа со свеченото заколнување на најновиот член на американскиот Врховен суд. Судијата Нил Горсич е назначен во првите 100 денови од мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп, со што е исполнето едно од неговите изборни ветувања.

Нил Горсич е новиот судија во американскиот Врховен суд. Со ова највисокиот суд во САД се комплетираше по смртта на судијата Антонин Скалија пред 14 месеци. Судијата Горсич положи заклетва во Белата куќа во присуство на својот колега судијата Ентони Кенеди, американскиот претседател Доналд Трамп и неговата сопруга.

„Американски народе, понизен сум на довербата што ми ја укажувате денеска. Никогаш нема да заборавам дека на тој што му се дава многу, од него многу се и очекува. Ви ветувам дека ќе направам се што е во моја моќ да бидам верен слуга на Уставот и на законите на оваа голема нација“, изјави судијата Горсич.

„На судијата Горсич сега му е доверена светата должност да го брани нашиот Устав. Нашата држава смета на Вас, да бидете мудар, непристрасен и фер, да служите според нашите закони а не над нив, и да го чувате правото на народот да владее со своите работи“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.

Судијата Горсич дипломирал право на Хавард и Оксфорд, а на местото во Врховниот суд беше предложен од Апелациониот суд во Колорадо. Наименувањето на нов судија во Врховниот суд беше едно од изборните ветувања на американскиот претседател Трамп. Се очекува судијата Горсич да има прв случај идната недела кога Врховниот суд треба да решава дали црквите не треба да се финансираат од даноци.

49-годишниот судија Нил Горсич е најмладиот суд во американскиот Врховен суд.

 

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ