ЗОИ 2014, Сочи, алпско скијање

Хефл-Риш повторно златна во комбинација

10.02.2014 13:51

Германката Марија Хефл-Риш ја одбрани олимписката титула во суперкомбинација...

Германката Марија Хефл-Риш ја одбрани олимписката титула во суперкомбинација.

По петтото место по спуст-сегментот, водечката алпинка сезонава во Светскиот Куп беше брилијантна во слаломот и во Сочи го повтори успехот од Ванкувер 2010. Вкупниот резултат по двете возења и беше за 40 стотинки подобар од оној на Австријката Никол Хосп. Осум години по второто место во слалом во Торино, Хосп го освои второто олимписко сребро. Иако шеста по спустот, благодарение на слаломот сепак обезбеди позиција на пиедесталот, заедно со Американката Џулија Манкузо, која уште еднаш докажа дека е скијачка за значајни пригоди. Во 2006 беше шампионка во велеслалом, пред четири години освои две сребра, од кои едно во комбинација, а во Сочи сега ја комплетираше колекцијата во разни бои. И припадна бронзата, откако задоцни 53 стотинки зад Хефл-Риш.

Во првата женска алпска дисциплина на Игрите, без медал остана Словенката Тина Мазе. На четвртото место, од ново одликување, најдобрата скијачка во Светскиот Куп минатата сезона, ја делеа само десет стотинки.