Конститутивната седница продолжи со процедурални забелешки
На почетокот и на 11-тото продолжение на седницата, СДСМ и ДУИ побараа пратениците да преминат на четвртата точка од дневниот ред- избор на претседател на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ одговара дека тоа нема да го дозволат, бидејќи со таква постапка ќе се прекрши Деловникот...

Ново продолжение на конститутивната собраниска седница за избор на претседател и членови на Комисијата за избори и именувања. Социјалдемократите остануваат на барањето да се прекине расправата и да се премине на гласање на нов претседател на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ одговара дека тоа нема да го дозволат, бидејќи со таква постапка ќе се прекрши Деловникот. Продолжија и процедуралните забелешки.
Согласно претходно договореното, во Комисијата ВМРО-ДПМНЕ ќе биде застапена со шест членови, СДСМ ќе има пет, а ДУИ и БЕСА по еден член.
За членови од ВМРО-ДПМНЕ се предложени Илија Димоски, Антонијо Милошоски, Крсто Мукоски, Даниела Рангелова, Димитар Стеванаџија и Благица Ласовска, од СДСМ Горан Мисовски, Дамјан Манчевски, Петре Шилегов, Мухамед Зекири и Ивана Туфегџиќ, од ДУИ Џеват Адеми и Зеќирија Ибрахими од БЕСА.
Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.
На дневен ред на седницата е и изборот на претседател на Собранието на Република Македонија.
