Подобри права за македонските работници во Италија

11.04.2017 15:35

Националниот синдикат на Италија за подобрување на работничките права, ќе отвори претставништво во земјава со цел за да го олесни протокот на информации за македонските работници кои работат во Италија и обратно. Ова се однесува на правата од пензиско, здравствено и друго осигурување. Според податоците, во Италија работат повеќе од 100 илјади Македонци.

Подобра правна и здравствена заштита и заштита од злоупотреба ќе добијат македонските работници во Италија. Најголемата синдикална организација во Италија наскоро ќе отвори претставништво во земјава. Целта е подобрување на работничките права и олеснување на протокот на информации.

Претставници на Синдикатот и Агенцијата за вработување на средбата заклучија дека продлабочената соработка ќе биде шанса за претприемништвото, за нови инвестиции и работни места.

Според податоците во Италија работат повеќе од 100.000 Македонци. Македонските работници работат претежно во угостителството, градежништвото и земјоделството. Од националниот синдикат велат дека македонските работници се ценети во Италија.

Италијанското здружение почнало со работа пред се за заштита на интересите на италијанските работници, но поради големиот број странски работници во Италија, ингеренциите биле проширени. На овој начин ќе бидат заштитени и италијанските работници во земјава.  

Дијана Ценевска