Експертите на УНЕСКО го започнаа мониторингот во Охрид
Комисија на УНЕСКО од денеска врши мониторинг во Охрид, со цел да увидат дали се спроведуваат нивните препораки. Главен интерес на експертите е дали одередени проекти негативно влијаат врз животната средина и културното наследство.

Градежните активности и нивното влијание врз природното богатство и културното наследство се во центарот на вниманието на тричлената комисија на УНЕСКО. Прашања кои ја разбрануваа охридската јавност по носењето на измените на Планот за управување со Националниот парк „Галичица“. На денешната средба со раководството на Националниот парк, тие беа информирани измените на планот, кои беа направени по барање на владата со цел да се овозможи изградба на магистралниот пат „Охрид-Свети Наум„, ски-центарот „Галичица“ и туристичко развојните зони „Љубаништа“, „Отешево“ и „Стење“.
„Проектите нудат просперитет за Охрид, економски и туристички развој. Како што ви напоменав, во текот на целиот период на постапката Националната установа Национален парк „Галичица“ се држи до законските позитивни норми, никаде досега не сме отстапиле од тоа, а многу е значајно што во текот на оваа посрапка граѓаните, односно јавноста секогаш имаше увид во работењето“, изјави Зоран Вељаноски, директор на Национален парк „Галичица“.
Вељаноски уверува дека сите забелешки на мониторинг- мисијата на УНЕСКО ќе бидат внесени во Планот за управување со Националниот парк.
„Изготвувач за стратешка оценка за влијанието врз животната средина, како што напомнав претходно е реномираната куќа од Англија- „Цитрус“. Позитивно мислење за содржината и обемот на стратешката оценка во 2 017-та година, јануари“, вели Вељаноски.
Експертите на УНЕСКО утре ќе имаат средба со раководството на охридскиот Завод и Музеј, при што ќе посетат неколку споменици на културата, а посебно внимание ќе му посветат на комплексот Плаошник каде се возобнувува Светиклиментовиот универзитет. Тие исто така ќе остварат средби со охридскиот градоначалник и со претставници на невладини организации.
Сашо Нелоски
