Конститутивна седница: Продолжија процедуралните забелешки

11.04.2017 16:04

Ново продолжение на конститутивната собраниска седница за избор на претседател и членови на Комисијата за избори и именувања. Социјал- демократите остануваат на барањето да се прекине расправата и да се премине на гласање на нов претседател на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ одговара дека тоа нема да го дозволат, бидејќи со таква постапка ќе се прекрши Деловникот.

Секој со своите аргументи дали треба да се премине на избор на собраниски спикер или со тоа се крши деловникот за работа. Продолжија процедуралните забелешки на пратениците.

Социјал- демократите и денеска велат дека точката за избор на членови на Комисијата за избори и именувања може да се прекине и да се избере собраниски спикер. ВМРО-ДПМНЕ пак констатираат дека со таков потег СДСМ ја изместува дебата бегајќи од суштинска расправа.

Барањето за прекин на дискусија и расправа по друга е нелогично бидејќи и Комисијата за избори може да предложи претседател на Собранието, велат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Социјал- демократите пак велат, по изборот на претседател да се зборувало за изборот на Комисијата.

11-ти ден продолжи расправата на конститутивната седница, без ниту една реплика и само со процедурални забелешки.

Миле Ристески