Трезорот во НЛБ Банка олеснет за 3 милиони евра
Голем грабеж во главната експозитура на НЛБ Банка. Директорот на трезорот пријавил дека вработен украл 2 милиони франци и 270 илјади евра. Во полициската станица Кисела Вода е приведен осомничен. Од банката тврдат дека средствата на клиентите се безбедни.

Грабеж на деценијата. Трезорот на НЛБ Банка олеснет за околу 3 милиони евра. 40-годишен Скопјанец, вработен во банката украл 2 милиона франци и 270 илјади евра и избегал. Случајот во полиција го пријавил директорот на трезорот на банката. Посочил дека вработениот ги ставил парите в кеса и незабележан од никого избегал.
Од МВР информираат дека увидот е завршен, а два часа по пријавувањето на настанот, во полициската станица Кисела Вода било приведено едно лице. Од полицијата посочуваат дека работат на целосно документирање и расчистување на случајот, по што ќе излезат со детали за кражбата.
Од менаџментот на банката информираат дека нивните клиенти и вработени се сигурни. Уверуваат дека средствата на клиентите се безбедни и нема простор за загрижување. Менаџментот тврди дека банката ги имала преземено сите мерки за осигурување на редовните активности.
„Сите средства на нашите клиенти се апсолутно безбедни и клиентите не треба воопшто да се загрижени. Уверено можам да изјавам дека настанот нема влијание на секојдневното тековно работење на банката“, тврди во писменото соопштение Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на банката.
Менаџментот истакна дека соработуваат со надлежните органи во истрагата и се надеваат на брз и позитивен исход. Во интерес на истрагата не коментираат повеќе за настанот, а деталите по него ги очекуваат од надлежните истражни органи.
Наташа Гркова- Петрушевска
