Македонските компании заинтересирани за италијанската технологија за обработка на мермер

11.04.2017 16:31

Македонските компании заинтересирани за италијанската технологија за обработка на мермер. Со новите машини се очекува да се оптимизира производството, да се зголеми извозот и конкурентноста. Во Скопје, бизнис средба на македонски и италијански компании организирана од италијанската Агенција за промоција на надворешната трговија.

Квалитетниот македонски мермер со добра обработка може да стане уште покункурентен на странските пазари. Домашните производители заинтересирани за современата италијанска технологија. Претставници на 30-тина фирми концесионери на мермер на презентација организирана од италијанската Агенција за промоција на надворешната трговија.

Македонскиот увоз на технологија од Италија во секторот за мермер во последните две години двојно се зголемил. Најмногу се увезуваат машински пили и дијамантски точила.

Подобрена е и трговската размена меѓу двете земји. Лани Италија од шести, стана петти трговски партнер на Македонија. Зголемување има и кај директните инвестиции.

Според државната статистика, во периодот од 2012-та до 2016-та година македонскиот извоз на мермер и гранит во странство е зголемен над 30 насто, а во 2016-та година надмина 20 милиони евра.

Сунчица Николоска