Раселените кои настрадаа во ланските поплави треба да го напуштат „Сениќ“

18.04.2017 15:07

Раселените кои настрадаа во ланските поплави треба да го напуштат прифатниот дом, каде што беа згрижени, откако водената стихија ги уништи нивните куќи. Поплавените од Сингелиќ, Стајковци и Инџиково од студентскиот дом „Томе Стефановски- Сениќ“ велат дека немаат каде да одат. Владата ги покриваше трошоците за нив до 31-ви март, но директорот на Домот им дозволи да останат и за Велигденските празници.

Без никакви услови за нормален живот, без вода и канализација, мувлосани ѕидови, празни соби. За еден ден изгувивме сѐ што имавме и немам каде да се вратам- вели пред камерата на МТВ, Вазвие Фазлиоска од Инџиково. Таа е една од раселените кои треба да заминат од студентскиот дом „Томе Стефановски- Сениќ“.

Слична судбина делат и другите во прифатилиштето. Овие луѓе велат дека им се потребни уште неколку месеци за да ги приспособат нивните домови за живеење.

79 жители од поплавените подрачја коишто настрадаа во август минатата година во поплавите треба да се вратат во своите домови и да го напуштат студентскиот дом „Томе Стефановски- Сениќ“ . Од Министерството за труд и социјална политика велат дека две семејства ќе бидат преместени во центарот „25-ти Мај“.

„Проблематични се оценети две- три семејства. Тие ќе бидат сместени во центарот  „25-ти Мај“ и нема да го платиме домот „Сениќ“. Никој нема да остане на улица и доколку се појават дополнителни лица, ќе ги сместиме во нашите објекти, само да не плаќаме околу 1 милион и 200 илјади денари во „Сениќ“. Поголемиот дел од нив имаат услови за да се вратат дома“, вели Ибрахим Ибраими, министер за труд и социјална политика.

Директорот на студентскиот дом вели дека ќе ја почитува одлуката на надлежните. Владата ги покриваше трошоците за раселените до 31-ви март, но директорот на домот им дозволи да останат и за Велигденските празници.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска