Продолжи конститутивната седница, партиите со исти ставови

18.04.2017 15:48

Празникот заврши. Пратениците се вратија во собраниските клупи за да ја продолжат конститутивната седница. Расправата иста како и пред Велигден. ВМРО-ДПМНЕ бара од СДСМ да се откаже од Тиранската платформа. Социјал-демократите сметаат дека се крши деловникот. Апелираа да се прекине со опструкцијата на Законодавниот дом.

Мора реално да се согледаат позициите и да најдеме компромис, бидејќи македонскиот народ не се согласува со содржината на Тиранската платформа- рече во својата дискусија пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајчо Димков. Со документот се прави само поголем јаз меѓу заедниците бидејќи, како што рече, за една се даваат поголеми права, а за другите се уназадуваат.

Социјал- демократите без многу реплики, но со истите ставови дека платформа не постои, туку дека има програма на новата реформска влада.

Пратениците од албанскиот блок пак остануваат на ставот дека декларацијата не штети никому, туку напротив, значи унапредување на демократските процеси.

Дебатата во собранието продолжува. За разлика од предходните денови карактеристично е што имаше помалку процедурални забелешки.

 

Миле Ристески