Билт: Демократија, Устав и Европа- три работи кои ќе ја однесат Македонија напред
„Демократија, Устав и Европа- ова се трите работи кои ќе ја однесат Македонија напред“– вели поранешниот шеф на шведската дипломатија, Карл Билт. Тој во земјава, како копретседавач за Европскиот совет за надворешни работи имаше средби со политичките партии.

Клучот е во Уставот, без разлика дали станува збор за Македонија, Шведска или за Грција- поранешниот шведски премиер, Карл Билт рече дека е во извидничка мисија низ Балканот и дека со Паневропската невладина организација собира информации кои ќе ги пренесе на институциите во Брисел.
„Вообичаено доаѓаме и слушаме, ги сумираме фактите и потоа ги формулираме политичките препораки за оние кои ги носат европските одлуки. Денеска сме овде, вечер заминуваме за Белград, а потоа се враќаме дома. Постои голем ангажман околу Западен Балкан и прашањата за влез во ЕУ. Пристапот во ЕУ е едно од важните прашања во регионот. Важно е да се следат настаните за да можат да се формулираат препораките“, нагласи Билт.
По средбата со Билт, од СДСМ испратија соопштение во кое велат дека на гостинот му го пренеле нивниот став:
„Парламентарното мнозинство ја презема обврската да го деблокира демократскиот процес во парламентот согласно со Деловникот, Уставот и со законите. Брзо ќе биде избран новиот претседател на Собранието, а потоа и новата реформска влада. Тоа е одлука на мнозинството граѓани, изразена на кредибилни избори и сите институции во државата се должни да обезбедат мирен трансфер на власта. “
Од Бихаќка, Билт замина во Мала Речица. Лидерот на ДУИ, Ахмети, по средбата за новинарите рече оти неговата партија направила сѐ што е потребно и дека клучот за решението на кризата го имаат двете големи македонски политички партии.
„ДУИ ги направи сите свои обврски во формирањето на новото мнозинство. Ја дадовме нашата поддршка и правиме напори да се надмине кризата, но секако дека е потребно и олеснување од нашите пријатели и ќе видиме дали ќе рефлектираат страните, меѓутоа главната одговорност паѓа на големите македонски политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие да се надминат себеси и да го стават интересот на државата пред сопствениот“, рече Ахмети.
Работниот ден на швеѓанецот завршува со средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и со движењето БЕСА. Од кабинетот на претседателот Иванов информираа дека Билт побарал да се сретне и со Ѓорге Иванов, но агендата на шефот на државата не го дозволувала тоа.
Катерина Топалова
