Воени експерти предвидуваат здружување на Ал-Каеда и Исламската држава
Американски воени експерти предвидуваат здружување на Ал-Каеда и Исламската држава што ќе резултира со ескалација на регрутирањето на странски борци. Американските воени експерти проценуваат дека во моментов има околу 40 илјади странски борци од 120 држави во светот.

Бројот на странски борци коишто се придружуваат на терористичките организации е намален, но се уште проблемот постои. Здружувањето на Ал-Каеда и на Исламската држава ќе доведе до ескалација на регрутирањето на странски борци од Европа и од Америка.
„Мотивите кои предизвикуваат мажи и жени да патуваат од каде било во светот за да се придружат на Исламската држава се неверојатно различни. Веројатно постојат причини што ние се уште не ги разбираме. Знаеме дека некои едноставно одат поради авантура. Некои доаѓаат да се борат за ИДИЛ од разни идеолошки причини. Некои бараат одмазда, а некои веруваат дека ќе најдат правда“, изјави генерал Мајкл Негата, американски Национален центар за контратероризам.
Поразот на ИДИЛ во Ирак и Сирија нема да го запре проблемот со странски борци, затоа земјите членки на антитерористичката коалиција мора да ги зголемат напорите за спречување на регрутирањето и финансирањето на странските борци.
„Најголемиот предизвик со кој се соочуваме сега е обезбедување разузнавачки информации за патувањето, плановите, намерите и идентитетите на странските борци да бидат широко достапни насекаде во светот, бидејќи нивното патување може да е непредвидливо“, вели генерал Негата.
По воената победа над Исламската држава, сојузниците не смеат да ја повторат грешката со прерано повлекување и мора да останат во регионот до неговото целосно стабилизирање.
Според американските воени претставници иако бројот на странски борци е преполовен, сепак овој проблем останува сериозна закана.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
