Обединето Кралство: Парламентот гласа за предвремените избори

19.04.2017 13:16

„Избори пред почетокот на преговорите за Брегзит“, реши британската премиерка Тереза Меј. Парламентот на Обединетото Кралство решава за неочекуваниот предлог кој ги изненади и политичарите, а и инвеститорите на светските берзи.

„Предвремените парламентарни избори на 8-ми јуни ќе обезбедат сигурност и стабилност на земјата која си замина од ЕУ“, порача премиерката на Обединетото Кралство Тереза Меј која неочекувано се премисли откако со месеци негираше планови за нови избори во Британија. Според правилата, зеленото светло за предлогот за јунско гласање значи распуштање на Парламентот на 3-ти мај и брзо стартување на кампањата, само неколку денови по специјалниот самит на лидерите на ЕУ на 29-ти април на кој ќе се утврди преговарачката стратегија за Брегзит.

Дел од граѓаните се презаситени од политички кампањи по ланскиот референдум со кој се разделија од Брисел. Другите се подготвени за уште една трка на национално ниво со која се одредуваат параметрите за натамошните релации на глобално ниво.

„Се шегувате, пак ќе гласаме? Искрено, не можам да го поднесам ова. Затрупани сме со политика, зошто и е потребно ова сега?“

„Не сум среќен со одлуката. Претераа.“

„Добри вести се ова зашто имаме шанса да ја избркаме.“

„Мислам дека треба да имаме избори, подготвени сме“, велат граѓаните.

Претходните избори во Велика Британија се одржаа во 2015 година на кои Дејвид Камерон кој ја водеше Конзервативната партија, си обезбеди втор мандат. По неговата оставка по Брегзит, Тереза Меј го наследи на чело на партијата без да мине процес на партиски избори. Најновите анкети и одат во прилог на премиерката зашто владејачките Конзервативци имаат предност од над 20% во однос на главната опозициска Лабуристичка партија, која е во послаба позиција поради внатрешната поделеност меѓу левичарскиот лидер Џереми Корбин и пристапот кон процесот за Брегзит.

За лабуристите, разводот со ЕУ мора да се изведе под одредени услови, меѓу кои е и задржувањето на силните економски врски со блокот.

Шкотската премиерка Никола Старџен која инсистира на нов референдум за незавиност на својата земја, тврди дека политичките калкулации на Меј се погрешни, но ќе ја зацврстат моќта на Шкотската национална партија. Најголемиот дел од населението во овој дел од Обедиентото Кралство гласаше да остане во Унијата, па сега гледа можност да се раздели од Британија и да одржува поблиска соработка со блокот.

Предвремените избори во Британија ќе заокружат турбулентен период на политичката сцена во земјата која се избори со два референдума, еден за Брегзит и еден за шкотската независност, но и со оставка од премиер.

Маја Филдишев