Експерти: Сериозни се последиците од политичките случувања врз економијата
Раст од 3,2 проценти на македонската економија, а догодина од 3,4 насто превидува Меѓународниот монетарен фонд. Во документот објавен на традиционалното пролетно заседание на ММФ и Светска банка во Вашингтон, се посочува дека растот на македонскиот БДП до 2022 година ќе се движи до 3,8 отсто. Според економските експерти сериозни се последиците од политичките случувања врз економијата. Велат, ако кризата продолжи, бројките дополнително ќе бидат корегирани.

Раст од 3,2 процента на македонската економија годинава и 3,4 во 2018-та. Меѓународниот монетарен фонд ги објави новите, пролетни проекции. За земјава се нешто пониски во однос на оние од октомври. Економистите велат дека е ова очекувано, бидејќи политичката криза ја гледаат како главен кочничар на растот на БДП. Велат, сериозни се последиците од политичките случувања врз стопанството.
„Генерално е тоа поради политичката криза во Република Македонија. Доколку ги погледнеме глобланите случувања и тенденции, генерално се позитивни. Ако ја погледнеме прогнозираната стапка на раст на ЕУ и нашите најголеми трговски партнери, има позитивно движење за следната година и годината после неа, што на некој начин анулира дел од негативните тенденции кои ги имаме во домашната економија. Се е поврзано со политичката криза и начинот на кој како ќе се справиме со истата, а која почна да го зема данокот“, вели Борче Треновски, универзитетски професор.
„Нестабилната политичка ситуација на долг рок прави штети на економијата и би требало веројатно да се преземе нешто во правец истата да се стабилизира, што како опција не гледам дека скоро ќе се случи кај нас“, изјави Ненад Марковиќ, универзитетски професор.
Ако продолжи кризата, бројките дополнително ќе бидат коригирани, вели Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија.
„Политичката криза и понатаму негативно влијае на економијата. Она што се случува во Европа, не дава сигнал дека би можело драматично да влијае врз случувањата во Македонија, така што моите очекувања се дека дополнително тие бројки ќе бидат корегирани до крајот на годината, ако политичката криза продолжи“, изјави Антони Пешев, Стопанска комора на Македонија.
Највисок економски раст во регионов годинава, според ММФ, ќе има Албанија со 3,7 проценти, а најнизок Бугарија и Хрватска со 2,9. Светска банка во почетокот на април излезе со прогноза дека македонската економија годинава ќе забележи раст од 2,8 а во 2018-та од 3,3 проценти.
Сунчица Николоска
