САД доби „Шлаканица“, С. Кореја ја повлече поканата за посета
Северна Кореја ја повлече поканата до американскиот специјален пратеник да ја посети земјата во обид да издејствува ослободување на Американецот Кенет Бе, пренесоа британските медиуми, повикувајќи се на извор од Стејт департментот.

Мисионерот Бе (45) беше уапсен кон крајот на 2012 година и осуден на 15 години тешка физичка работа под обвинение за обид за соборување на режимот во Пјонгјанг.
По повеќе месеци работа во земјоделско стопанство и загубата од 22 килограми телесна маса, Американецот минатата година беше префрлен во болница, но на 20 јануари беше вратен назад во работниот камп.
Цитираниот претставник на Владата на САД изрази жалење за тоа што Северна Кореја ја повлекла, по втор пат, својата покана за посета на амбасадорот Роберт Кинг, кој од 2009 година е специјален пратеник на САД за прашањата на човековите права во оваа изолирана комунистичка држава.
-Северна Кореја во мај 2013 година соопшти дека нема да ја користи судбината на Кенет Бе како политичка монета за поткусурување, потсети тој.
На молба од семејството на Бе, американскиот активист за човековите права Џеси Џексон предложи да замине во Пјонгјанг во обид да го издејствува ослободувањето на мисионерот.
САД и Јужна Кореја од 24 февруари до 18 април ќе ги оддржат годишните заеднички воени вежби и покрај незадоволството на Северот, пренесоа уште британските медиуми, повикувајќи се на соопштение на заедничката команда на сојузничките сили во Сеул.
САД претходно ја информирале Северна Кореја за претстојните маневри.
Северна Кореја повика на откажување на воените вежби, кои ги оцени како подготовка за војна. Таа предупреди дека ако маневрите се оддржат, може да ги откаже договорените средби на корејските семејства, кои се разделени од војната на полуостровот во 1950 година, што беа предвидени за крајот на февруари.
