Продолжуваат протестите во БиХ
Продолжуваат протестите во БиХ поради незадоволството на граѓаните од животниот стандард и однесувањето на политичката елита. Оставки досега дадоа четворица кантонални премиери.

Од својата позиција синоќа отстапи Хамид Липоцач, премиер на Унско-санскиот кантон, за кого деновиве се шпекулираше дека со семејството избегал во Хрватска. Претходно оставки поднесоа премиерите на Тузланскиот кантон Сеад Чаушевиќ, на Зеничко-добојскиот Муниб Хусејнагиќ и на Кантонот Сараево Суд Зељковиќ, пренесува Танјуг.
Бошњачкиот член на Претседателството на БиХ и заменик-претседател на Партијата за демократска акција, Бакир Изетбеговиќ не е подготвен да поднесе оставка, додека неговиот колега, кој ги застапува Хрватите во тричленото претседателство, Жељко Комшиќ тврди дека би поднел оставка и оти тоа за него би претставувало големо олеснување.
Протестите во Федерацијата почнаа пред неколку дена во Тузла поради, како што се тврди чисто социјално-економски причини, а веќе утредента се претворија во насилни демонстрации во тој град, а потоа се проширија и во Бихаќ, Мостар и Сараево, каде гореа згради на локалните, федералните институции, а опожарено беше и Претседателството на БиХ.
