Македонската економија е стабилна и покрај политичката криза
Меѓународниот Монетарен Фонд и Светска банка по средбите со македонската делегација оценија дека и покрај сите предизвици, економијата во Македонија е стабилна и оваа година ќе оствари раст од 3,2 проценти. Поддршка на проекти во инфраструктурата биле главна тема на средбите на министерот за финансии Кирил Миноски со претставниците на ММФ. Гувернерот на Народна банка на Република Македонија, Димитар Богов смета дека економијата е стабилна поради поставеноста на здрави основи.
ММФ и Светска банка се оптимисти за светската економија што конечно бележи раст. За Македонија и покрај сите предизвици поради политичката криза, предвидуваат дека оваа година ќе оствари раст од 3,2 проценти.
„Она што е констатација на сите релевантни финансиски институции е дека и покрај долготрајната политичка криза сепак економијата испорачува позитивни резултати. 2016-та година ја завршивме со раст на БДП, наплатата на приходите е на задоволително високо ниво и тоа продолжува и во првата половина од 2017-та година. Буџетскиот дефицит се движи во рамки на Мастришките критериуми, така да од тој аспект општата констатација е дека речиси сите макроекономски елементи на економската политика во Република Македонија се здрави и дека и покрај сите околности Македонија дава позитивни резултати“, изјави за МРТ, министерот за финансии, Кирил Миноски.
„Од аспект на Македонија, видувањата на ММФ и Светската банка е дека македонската економија ќе продолжи да расте. Според нив, растот ќе изнесува околу 3 проценти. Тоа се должи на добрите фундаменти на македонската економија, но секако тоа е помалку отколку што може македонската економија да расте, а причината е неповолното домашно политичко опкружување“, изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.
Инфраструктурните проекти во Македонија биле оценети како позитивни за економијата на средбите на министерот за финансии Кирил Миноски со извршниот директор на ММФ Ентони Де Ланој и Директорката за Југоисточна Европа, Елен Голдстајн. Светска банка и Европската банка за обнова и развој поддржуваат проекти во Македонија во вредност од милијарда и пол евра, најголем дел во инфраструктурата.
„Коридорот 10 ќе биде комплетиран до јуни 2017-та година, значи оваа година. Меѓутоа интензивно се разговара со ЕБОР и за финансирање на делниците од коридорот 8, тоа е автопатската делница од Кичево до Гостивар, понатаму за железничката пруга третата делница што ја поврзува Крива Паланка со граничниот премин Деве Баир. Тоа се важни проекти од стратегиско значење затоа што обезбедуваат пристап до алтернативни пристаништа за Република Македонија, обезбедуваат раст на БДП на краток рок, а на долг рок даваат подобри услови за бизнис во РМ. Понатаму се разговараше и за проекти што се имплементираат со развојната банка на Советот на Европа во делот на проектите на здравството, изградбата на Клиничкиот центар во Скопје и Клиничката болница во Штип, за инвестирање во образованието, како и останати проекти што се во интерес на здравството и образованието и повеќе сектори во Република Македонија“, изјави министерот Миноски.
На средбите на македонската делегација на пролетниот состанок во Вашингтон со претставници на ММФ и Светска банка било разговарано и за поддршка на приватниот сектор во Македонија, особено на малите и средни претпријатија.
ММФ и Светска банка даваат позитивни оценки за македонската економија која и покрај домашната ситуација е стабилна.„
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
