Поволни кредити од ЕБОР за Македонија

23.04.2017 12:30

Европската банка за обнова и развој ЕБОР ќе додели 72 милиони евра поволни кредити за мали и средни претпријатија во Македонија. Ова било договорено на средбите на пролетниот состанок на ММФ и Светска банка во Вашингтон помеѓу министерот за финансии Кирил Миноски и извршниот директор на ЕБОР Франс Викерс.

Европската банка за обнова и развој ќе додели 72 милиони евра на Македонија поволни кредити за поддршка на малите и средните претпријатија во земјата. Ова е програма на ЕБОР што веќе користи во Хрватска, Србија и Албанија. Кредитите се нудат во денари преку комерцијалните банки, директно преку ЕБОР или со кофинансирање 50-50% ЕБОР со банките. Вкупната европска кредитна линија за сите земји од Западниот Балкан е 360 милиони евра, од кои Македонија може да користи 20 проценти или 72 милиони.

„Република Македонија веќе испрати своја апликација за учество во оваа програма. Со оваа програма на некој начин се решава еден дел од корпусот на прашањата што се поврзани со пристапот до финансии коишто се многу значајни за развојот на сегментот на којшто почива во суштина и македонската економија, меѓутоа генерално и речиси сите економии во светот“, изјави министерот за финансии, Кирил Миноски.

Европската банка за обнова и развој за овие кредити не бара договор за заем или државна гаранција. Министерството за финансии веќе испратило акционен план до ЕБОР што треба да се одобри од Бордот на директори на европската банка. По средбите со претставниците на ЕБОР во Вашингтон било истакнато дека Бордот ќе донесе позитивна одлука, по што и македонските бизнисмени ќе можат да користат поволни кредити.

ММФ и Светска банка оценуваат дека вложувањето во приватниот сектор придонесува за отворање на повеќе работни места и зголемување на економскиот раст во државите.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ