Брисел навива за Макрон

24.04.2017 12:48

Брисел со честитки за пласманот на Макрон во финалниот круг од претседателските избори во Франција. Навиваат за негова победа и на 7-ми мај кога повторно ќе се соочи со ултраденсичарската Ле Пен.

Европските лидери му го честитаа пласманот во вториот круг од претседателските избори во Франција на центристот Емануел Макрон кој на 7-ми мај ќе се соочи со крајната десничарка Марин Ле Пен. Поддршка за наредната етапа му изрази претставничката за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, која нагласи дека соработката меѓу Макрон и Брисел е иднината на генерацијата.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел и Мартин Шулц, социјалдемократскиот кандидат на парламентарните избори во Германија, потенцираа дека Макрон мора да ја порази ултрадесничарката Ле Пен.

„Овие избори се голема шанса за Европа. Емануел Макрон ќе биде претседател на Франција, кој се залага за нов почеток во Европа и нема да се задоволи со летаргичност која понекогаш е одлика на Европа. Макрон ќе ги зближи Германија и Франција“, изјави Зигмар Габриел, министер за надворешни работи на Германија.

„Победија двајца спротивставени кандидати. Од една страна, имаме националист, расист. Оваа жена ја познавам од Европскиот парламент. Многу непријатна личност. Емануел Макрон се издигна на политичката сцена. Неговата победа е добра вест за Европа“, рече Александер Граф Ламбсдорф, потпретседател на Европскиот парламент.

„Избран е финалист кој е ориентиран кон економски реформи. Важни се и за Франција и за Европа. Пред се, Макрон е проевропски ориентиран, што е најважно за Германија, а и за Брисел. Неговите шанси за победа за две недели се најголеми. Одлична основа за соработката мешу Берлин и Брисел“, изјави Норберт Ретген, претседавач на Парламентарниот комитет за надворешна политика.

И покрај прогнозите за победа и во вториот круг, медиумите сметаат дека Ле Пен ќе биде повторно закана за Макрон. Повеќето известуваат дека со овие избори почнува нова страница во француската политичка сцена.

 

Маја Филдишев