Овоштарниците во Битолско со просечна штета од над 90 проценти
Битолските овоштари ја делат истата судбина со преспанските јаболкари. Просечната оштетеност на овоштарниците се движи над 90 проценти. Велат последиците ќе се чувствуваат и во следните неколку години, а годинава едвај ќе се собере десетина насто род од планираните количини.

Овоштарниците во Битолско со просек на оштетеност од нед 90 проценти. И покрај преземените активни заштитни мерки, студените утра, посебно саботното, го униште кревкиот плод- велат овоштарите. Имало и порано мрзнотини, но ова одамне не се случило. Штетите се големи и во најповолните микрорегиони. Велат, актуелнава состојба ќе се чувствува и следните неколку години, а род ќе нема ниту колку да ги покриеме трошоците.
„Не е само плодот оштетен туку последици има и врз листовите од каде јаболкниците се хранат, тоа ќе влијае на вегетациите и во следните години, додека растенијата не се вратат назад од тој стрес тест“, вели овоштарот од село Бистрица, Коле Голабовски.
„Штетите се големи. Нема да ги обереме планираните количини на овошје, процентуално тоа ќе биде многу минимален род“, вели неговиот соселанец овоштар, Николче Јаневски.
Под налетот на ниските утрински температури први подлегнаа младите овоштарници. По шест годишно инвестирање, Васил Манивиловски нема да ги собере првите плодови од овоштарникот со круши. Штетите се стонастотни.
„Макотрпно работевме шест години. Овој овоштарник досега ме чини 50.000 евра и еве не ќе можеме да се радуваме на трудот“, вели овоштарот од село Бистрица, Васил Манивиловски.
Слична е сестојбата и во соседните села. Бастионот на битолското овоштарство не ќе може да го испорача планираното производство. Во просечна година бистричкиот регион дава над 2.000 тони овошје. Годинава нема, можеби едвај ќе се собере 10 насто род.
Очајните овоштари се надеваат дека за скоро ќе ги добијат своите субвенции, а проценката на надлежните ќе биде брза и коректна.
„Веке 50 агенти од АПРЗ се одредени за членови на комисиите и мислам дека со својата стручност квалитетно и одговорно ќе ја извршат задачата“, вели раководителот на сектор при АПРЗ, Зоран Бардаковски.
Состојба која потсетува дека климатските промени ќе бидат чест противник на земјоделците. Спасот мора де се бара во постојана едукација, како и осигурување на имотот.
Стевче Митревски
