Грчки медиуми: Граѓанска војна и распарчување на Македонија, а потоа соединување со Косово

24.04.2017 16:32

Грчките медиуми продолжуваат да пишуваат за состојбата во Македонија, но и во поширокиот регион.

Граѓанска војна и распарчување на Македонија, а потоа и соединување со Косово – ова според  анализата на грчкиот портал „Пентапостагма“ е актуелната агенда на ЕУ и НАТО за нашата земја.

„ЕУ и НАТО ја водат земјата кон граѓанска војна и расцепување и соединување со Косово, а потоа развојот на настаните ќе биде бурен. Диви сцени веќе се одвиваат во близина на границата со Грција и доверливи информации индицираат дека воен план на УЧК, а сега нарекувана АНА, веќе е активиран поради невозможноста да се создаде влада. Албанците се подготвуваат да предизвикаат граѓанска војна во земјата доколку не им биде даден мандатот да формираат влада, а потоа ќе интервенираат НАТО и ЕУ за да го осигурат планот за земјата“, се вели во анализата на „Пентапостагма“.

И во анализа на порталот „Триклоподија“, повикувајќи се на српски владини и разузнавачки извори, се информира дека НАТО подготвува војна против Србите, но и Македонците, користејќи ги притоа Албанците, со цел создавање голема Албанија и спречување на руското влијание.

„Во истовреме, Албанците се фатија за работа и во ПЈР Македонија и се подготвени да почнат војна што е можно побрзо како дел од истиот голем план за немири на Балканот“, се вели во анализата.

Авторот сугерира дека за православните земји од регионот, вклучително Македонија и Грција, постои само еден излез, а тоа е создавање на православен сојуз,  бидејќи и Грција би можела наскоро да се најде пред проблематична ситуација со Албанците, кои што како се наведува во текстот, се користат како марионети за воспоставување на новиот поредок.

 

Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ