Ќе се казнува непочитувањето на неделните откупни цени
Поради непочитување на неделните откупни цени неколку струмички компании ќе бидат избришани од регистарот на откупувачи. Одлуката следи откако Државниот инспекторат за земјоделство открил и други неправилности при откупот на пролетната зелка.

Неколку струмички трговци може да останат без дозвола за откуп на земјоделските производ. Државниот инспекторат за земјоделство открил неправилности во непочитувањето на неделната откупна цена на пролетната зедлка и во купопродажните договори кои откупувачите треба да ги потпишат со земјоделците.
Инспекторатот ќе испрати предлог до ресорното Министерство за одземање лиценци на неколку откупни компании.
Утврдени неправилности, има кај седум трговски фирми, но само кај неколку прекршоците се големи и им се заканува одземање на дозволата за работа.
Земјоделците се сомневаат дека постои тактизирање и манипулирање со цените. Ова го потврдуваат со наглиот нелогичен пад за еден ден на цената на зелката која на почетокот изнесувала 35-40 денари, без никаква пазарна логика која го следи движењето на понудата и на побарувачката.
Од почетокот на оваа сезона од Македонија досега се извезени 700 пратки со 12.000 тони зелка.
Методија Трајков
