Иванов одликуван со наградата „Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори“

25.04.2017 11:00

Наградата ја доделува Меѓународната општествена Фондација за единство на православните народи, за извонредна дејност во зацврстување на единството на православните народи и за утврдување и промовирање на христијанските вредности во животот и општеството, соопштија од Кабинетот на претседателот.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, е одликуван со наградата „Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори“ за 2016-та година, што во мај, на свечена церемонија во Москва, ќе му биде врачена од Патријархот на Руската православна црква, г.г. Кирил.

Наградата ја доделува Меѓународната општествена Фондација за единство на православните народи, за извонредна дејност во зацврстување на единството на православните народи и за утврдување и промовирање на христијанските вредности во животот и општеството, соопштија од Кабинетот на претседателот.

Носители на наградата за 2016-та година, покрај претседателот Иванов, се и поглаварот на Коптската црква, Патријархот Тавардос Втори и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.

Предвидено е свечената церемонија на доделување на наградата да се одржи на 23-ти мај 2017-та година во храмот „Христос Спасител“ во Москва.

Престижната меѓународна награда која му се доделува на претседателот Иванов претставува признание на неговите заложби во зајакнување на меѓу-православните односи, улогата на религијата во општеството и воспоставување, односно јакнење на принципите на верска толеранција.