Груевски: Брзи избори за излез од кризата
Ако сега вака се однесуваат со граѓаните, со изборна измама и со игнорирање на нивниот револт, ќе ги чини многу скапо во сите наредни изборни циклуси, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ поради изборната измама се соочува со револтот на граѓаните, брзи избори се најдобриот излез, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Потенцира, СДСМ и другите партии треба да внимаваат што прават, бидејќи ќе има и други избори во иднина.
Ако сега вака се однесуваат со граѓаните, со изборна измама и со игнорирање на нивниот револт, ќе ги чини многу скапо во сите наредни изборни циклуси, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога една партија ќе излезе на избори и ќе каже едно, а после ќе направи друго и со тоа ќе направи крупна изборна измама, таа партија треба да очекува дека ќе се соочи со револтот на граѓаните и тоа и се случува на Македонија, тоа и се случува на СДСМ и затоа кризата е пролонгирана“, рече Груевски.
Груевски истакна дека најдобар излез од оваа ситуација е да се оди веднаш на брзи предвремени избори, заедно со редовните планирани локални избори.
„Нека излезат тие со она што го нудат, со она што го прифатиле, со Тиранската палтформа, со сѐ што сакаат. Ако граѓаните тоа им го одобрат, ако добијат мнозинство гласови, нека направат влада и нека го исполнат тоа што го наумиле и тоа што некаде го ветиле“- нагласи Груевски.
