Обука на 220 лица за вработување во ИТ секторот

25.04.2017 15:37

АВРМ објави оглас за обука на 220 невработени лица на возраст до 29 години во областа на Јава програмирање и тестирање на квалитет на софтвер.

Агенцијата за вработување на Република Македонија објави оглас за обука на 220 невработени на возраст до 29 години во областа на Информатичко- комуникациските технологии. Од нив 110 за јава програмирање и 110 за тестирање на квалитет на софтвер. Се очекува до крајот на годината тие да ја завршат обуката и да им бидат понудени на заинтересираните компании од овој сектор. Досега се обучени 800 лица без формално ИТ образование, 500 од нив се веќе редовно вработени, а другите се ангажирани со авторски или договори за дело.

„Клучните дејности за преквалификациите се утврдени во консултации со бизнис секторот. Најновото истражување на АВРМ покажува дека програмерите, инжинерите за одржување софтвер и лицата за одржување софтверски апликации се на првите три места од 15-те најбарани професии на пазарот на труд во државава“, изјави Влатко Поповски, директор на АВРМ.

Податоците на Централниот регистар покажуваат дека на секои три дена се отвора нова компанија во ИТ секторот. Тие, заедно со постојните, бараат лица од овие дефицитарни професии и затоа Агенцијата во соработка со коморите пристапува кон преквалификација на младите кои поседуваат основни знаења и вештини од овие области.

„Од 1 јануари се отворени 67 нови компании во ИКТ секторот, од кои 40 во дејностите програмирање, обработка на податоци и интернет портали. Од тие причини неопходен е координиран пристап од сите институции, односно покрај универзитетите кои произведуваат дипломирани професионалци, мора да се работи и на преквалификација“, вели Марта Арсовска- Томовска, министер за информатичко општество и администрација.

На огласот за обука можат да се пријават млади до 29 години со почетни познавања на програмирање. Откако ќе го минат предтестирањето ќе склучат договор за бесплатна обука во вредност од 1.550 евра. Добиениот сертификат ќе им овозможи да се вработат во некоја од бројните ИТ компании во земјава. За оваа преквалификација Агенцијата за вработување ќе искористи 295.000 евра од третиот грант на ЕУ наменет за поддршка на вработување млади до 29 години.

Свето Николовски