Мајк Ли: Реформи во Стејт Департментот за да запре штетната надворешна политика
Американскиот сенатор Мајк Ли побара од државниот секретар Тилерсон да го реформира Стејт Департментот со што ќе ја запре штетната надворешна политика кон пријателските држави како што е Македонија. Тој оценува дека Тилерсон сѐ уште не го добил писмото што шестемина сенатори го испратија до Стејт Департментот за случајот со Американската амбасада во земјава.

Американските дипломати не смеат да ја злоупотребуваат функцијата и да застапуваат политика од претходната администрација што направи штета во пријателските држави како Македонија, изјави сенаторот Мајк Ли во фондацијата „Херитиџ“ во Вашингтон.
„Македонија денеска се наоѓа во длабока владина криза најмногу предизвикана од надворешно мешање во домашните прашања и политичките процеси. Кризата ја продлабочи политичката поделеност во земјата и се заканува да подгори етнички тензии. Ваква нестабилност е голема покана за опортунисти како Владимир Путин којшто ја користи поделеноста и чувствата кај граѓаните дека активно се изневерени од страна на САД. Американската странска помош треба да помогне во креирањето и зацврстувањето на дипломатските партнерства и да ја зацврсти нашата безбедност“, изјави Мајк Ли, сенатор од Јута.
Сенаторот Ли повика државниот секретар Тилерсон итно да направи реформа во Стејт Департментот.
„Трамп вети промена во надворешната политика подалеку од глобалната прогресивна агенда и Стејт Департментот да стане како што првично беше цел, инструмент за засилување на слободите и напредување на интересите на американските државјани“, изјави Ли.
Администрацијата на Обама преку УСАИД финансирала левичарски организации на Сорос и направила штети во Македонија, Албанија, Ирска, Полска, Латинска Америка и Африка.
„Сакам да не се согласам со една техничка работа, рековте дека парите се потрошени на подлабочување на кризата. Верувам дека амбасадорот Бејли е добар Американец, но јас не се согласувам со него. Мислам дека неговото мешање за кое слушам од многу луѓево формирањето на коалиција е нешто во што американската влада не треба да се впушта. Ние не сме крал на Македонија, туку треба да им помагаме на Македонците во промоцијата на демократијата“, вели Мајк Гонзалес, експерт на фондацијата „Херитиџ“.
Од околу 500 места во Стејт Департментот пополнети со нови кадри се само 23. Американскиот претседател Трамп веќе ја намали странската помош, но мора да направи реформи и во УСАИД што ќе ги застапува ставовите на новата администрација.
Републиканците повикаа на реформи во Стејт Департментот за да се намали поголемата штета што ја направија поранешните претставници на администрацијата на поранешниот претседател.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
