Ново продолжение на конститутивната седница
Во македонското Собрание продолжи конститутивна седница. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа отфрлање на Тиранската платформа и предвремени парламентарни избори заедно со локалните. За Алијансата за албанците, ова е прифатливо, но под услов да се одржат и претседателски избори, како и да се продолжи мандатот на Специјалното јавно обвинителство.

Гласајте за специјален суд и продолжување на мандатот на СЈО, па јас ќе гласам за предвремени парламентарни избори- повика од собраниската говорница Зијадин Села. Од ВМРО-ДПМНЕ доби контра реплика дека не е проблем специјалното обвинителство туку нарушувањето на соживотот поради прифаќањето на тиранската платформа.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери сметаат дека Социјал- демократите треба да се откажат од Тиранската платформа.
Социјал- демократите повторно со процедурална забелешка дека седницата не се води според Деловникот, и дека не се дискутира по точката од дневниот ред.
Досега во Собранието 1.596 минути биле потрошени на реплики, 523 за контрареплики, а за процедурални забелешки 1.635 минути.
Миле Ристески
