Апсења во Турција: Приведени повеќе од 1.000 приврзаници на Ѓулен
Турските медиуми наведуваат дека во акциите учествувале повеќе од 8.500 полицајци. Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека таканаречените имами биле уапсени во 72 провинции.

Турската полиција привела повеќе од 1.000 луѓе во врска со движењето на Фетулах Ѓулен во операции спроведени во 81 провинција низ државата. Според извештаите, цел на операцијата биле структурите на ФЕТО, термин што турските власти го употребуваат за приврзаниците на Ѓулен во полициските сили, па така повеќето уапсени се полицајци. Турските медиуми наведуваат дека во акциите учествувале повеќе од 8.500 полицајци. Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека таканаречените имами биле уапсени во 72 провинции.
„Откривме и растуривме структура на тајни имами, кои за жал се инфилтрирале во полициските сили и се обиделе да ги насочуваат однадвор и да формираат алтернативна полициска структура. Тие се обидувале да наметнат сопствени агенда и барања“, изјави министерот Сојлу.
Организацијата на Фетулах Ѓулен се товари за обидот за воен удар во Турција на 15 јули минатата година. Ѓулен од 1999 година се наоѓа во американската сојузна држава Пенсилванија, а турските медиуми пишуваат дека неговата организација во Турција ја третираат како безбедносна закана од декември 2013 година кога групата два пати се обидела да изведе државен удар на демократски избраната власт. Обвинителите тврдат дека движењето водело долга и широка кампања за соборување на власта вметнувајќи свои луѓе во силите за безбедност, законодавството, судството, управата и во војската.
По обидот за воен удар во кој загинаа 249 луѓе, 47.000 беа уапсени, вклучувајќи и над 10.000 полицајци и над 7.000 војници. Илјадници луѓе беа отпуштени, а опозициски медиуми беа затворени.
Во меѓувреме турскиот претседател Ердоган ја обвини унијата дека и ја затворила вратата на Турција. Предупреди дека анкара може да ја преиспита својата позиција за приклучувањето кон Европската унија поради предолгиот период на чекање и влошените односи со некои држави од заедницата.
„Доколку тие не постапуваат искрено, ние треба да најдеме излез. Велика Британија ги праша своите граѓани и тие гласаа за Брегзит. Тие имаат душевен мир, одат кон нова иднина, истото го направи и Норвешка. Истото може да се примени и за Турција“, нагласи Ердоган.
Ердоган прогнозира распаѓање на Унијата зашто и француските ултрадесничари најавуваат излез.
Марина Автовска
