Венецуела ќе се повлече од ОАД, протестите продолжуваат
Венецуела ќе се повлече од Организацијата на Американски држави, обвинувајќи ја групата за мешање во внатрешните работи на земјата. Насилствата на улиците земаат нови жртви.

Венецуелската полиција со солзавец ја запре групата демонстранти пред да стигне до канцеларијата на народниот правобранител. Граѓаните бараат избори, прекин на дводецениското управување на социјалистите и крај на економската криза.
„Сакаме владата да сфати што бараме, сакаме излез од ова на каков било начин, Мадуро мора да разбере дека Венецуела е многу голема. Мадуро мора да си замине.“
„Правобранителот како да не сака да сфати дека треба да работи согласно со уставот и законот. Неговата улога е да го брани народот, а не убијците, напаѓачите и угнетувачите“- велат граѓаните.
Меѓународниот монетарен фонд прогнозира инфлација и од 700% годинава за земјата која е богата со нафта. Опозицијата ги обвинува социјалните политики на Мадуро и неговиот претходник Чавез. Поради драстичното влошување на економската и политичката состојба, Организацијата на американски држави побара вонреден состанок за оваа членка. Венецуела најави дека си заминува од групата
„Венецуела ќе почне процедура за излегување од Организацијата на американски држави која ќе трае 24 месеци. Сакам да појаснам дека Венецуела нема да учествува веќе во активностите и настаните од оваа група земји кои само сакаат да ги нарушат стабилноста и мирот на нашата земја“, изјави Делси Родригез, министер за надворешни работи.
„Народот има право да си ги решава внатрешните проблеми без мешање на кој било од вас. А најмалку Вашингтон ќе ја одреди судбината на Венецуела. Народот се бореше 200 години за да решава за себе и за земјата“, изјави Мигел Тринидад, претставник во ОАД.
Протестите почнаа откако Врховниот суд реши да преземе дел од овластувањата на Народното собрание кое го контролира опозицијата. Три дена подоцна беше сменета одлуката, но демонстрантите веќе беа на улиците. Досега загинаа речиси 30 луѓе.
Маја Филдишев
