За снимките како доказ ќе помагаат и експерти
Врховниот суд на денешната седница не гласаше за прислушуваните материјали, со што оваа точка се одложи на неопределено време. По предметот за случајот со Сеад Кочан, од судот, соопштија дека судијката Лидија Неделкова е изземена и дека ќе решава нов судски состав.

Надворешни експерти да дадат правно мислење, а дури потоа врховните судии ќе одлучуваат дали прислушуваните разговори може да се користат како докази во судската постапка. Ваква одлука била донесена на општата седница на највисокиот суд во земјата – вели првиот човек на Врховен, Јово Вангеловски.
Претседателот на судот предлага меѓу останатите правни експерти, Советот да го слушне и мислењето на колешката Мирјана Лазарова – Трајковска, со цел судиите подетално да се запознаат со праксата на Европскиот суд за човекови права.
На истата седница, судиите констатирале и дека е потребно судот да донесе начелен став за прашањето кој орган е надлежен за поднесување Барање за заштита на законитоста, но дискусијата завршила без конкретна одлука. Иако еден судија предложил овој вонреден правен лек да го поднесува само републичкото обвинителство, предводено од Марко Зврлевски, ваквиот предлог не наишол на поддршка меѓу неговите колеги, брифираат од судот. За предметот на СЈО што се води против бизнисменот Сеад Кочан, од судот соопштија дека судијката Лидија Неделкова е изземена од Советот и дека за овој случај ќе одлучува нов судски состав. За изземањето на Неделкова, Врховниот суд постапувал по барање на адвокатите кои доставиле докази дека синот на Неделкова е договорно ангажиран во СЈО, поради што се сомневаат оти судијката би можела да биде пристрасна во одлучувањето.
Анита Димитријевска
