НБРМ: Македонската економија лани со раст од 2,4 отсто

27.04.2017 15:35

Градежништвото беше сектор со највисок позитивен придонес- соопшти Централната банка.

Во 2016 година македонската економија растеше, при што стапката на реален раст изнесува 2,4 проценти и е умерено пониска во споредба со 2015 година. Структурата е слична како во 2015 година, односно градежништвото беше сектор со највисок позитивен придонес- соопшти Централната банка.

Девизниот курс остана стабилен, при што сите показатели за соодветност на девизните резерви се задржаа во комфорната зона. Во однос на ценовната стабилност, во 2016 година во просек беше остварена ниска и благо негативна промена на домашните цени, во целост како последица на пониските увозни цени на храната и на енергијата, односно факторите на страната на понудата. Од друга страна, базичната инфлација се одржуваше на умерено ниво во позитивната зона, што соодветствува со постојаното закрепнување на домашната побарувачка и благо позитивниот производен јаз, се наведува во соопштението на НБРМ.

Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница го усвои Годишниот извештај за 2016 година, при што беше констатирано дека во 2016 година Народната банка успешно ги оствари законски дефинираните цели.