Млад пијанист добитник на меѓународни награди
Министерката за култура се сретна со младиот пијанист Арда Мустафаоглу. Според Канческа- Милевска, тој со својот талент е гордост за целата држава, и министерството ќе продолжи да го поддржува и во иднина. Мустафаоглу досега има освоено неколку меѓународни награди...

Најстабилно минува со рацете по црно- белите типки на пијаното. Тогаш создава магија, остава музиката да ги пренесе неговите младешки чувства. Четиринаесет годишниот Арда Мустафаоглу пораснал со ноти. Секоја награда од светските натпревари му е само поттик, да се искачи на следното скалило.
Во десетгодишната кариера се запишал како првак на листите низ цела Европа. Последната од синоќа, во Софија, верува дека ќе му го оствари сонот за солистички концерт. Скромното момче има големи желби, да го достигне Шопен или можеби Чајковски.
Успешните и амбициозните ги помагаат сите. Министерката за култура, Канческа-Милевска вели дека ваквите уметници се амбасадори на Македонија.
Детството на Арда му е пијаното. Вели, тоа е и неговата младост, но и неговата иднина. Немаше многу време за медиумите, зашто во следниот период му претстојат настапи во четири градови во Германија, ќе учествува на фестивал во Верона, а ќе се претстави и во Нови Сад и во Чешка.
Ана Јосифоска- Тодоровска
