Продолжи конститутивната седница, нови обвинувања за Тиранската платформа

27.04.2017 16:03

На 20-тото продолжение на коститутивната седница, нови обвинувања за Тиранската платформа, за тоа дали и кој се обидува да и го промени идентитетот на Република Македонија и името на државата како крајна цел...

Стануваме на химната, но потребно е менување на државните симболи и тоа е предвидено во нашата програма- рече пратеникот на БЕСА, Зеќирија Ибрахими. Тој тврди дека сѐ уште не се договориле со СДСМ за заедничко владеење.

„Би сакал за секоја забелешка која ја имате вие да се обвинува СДСМ. Не сакам да ја играм улогата на адвокат на СДСМ“, вели Ибрахими.

Со Тиранската платформа, СДСМ и албанскиот блок партии за да дојдат на власт договориле суштинско менување на идентитетот на државата, сметаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Велат, крајната цел е менување на името преку редефинирање на државата.

„Играте неискрено, најдовте слабак којшто е спремен се да прифати и сакате низ ќепеџик да протнете максимум од тоа што можете да протнете. Тоа не е фер, не спрема ВМРО-ДПМНЕ, не е фер спрема македонскиот народ“, рече пратеникот Илија Димовски.

И на денешната седница не изостанаа навредите. Најстариот пратеник во Собранието од ДУИ, Бранко Манојловски, се обиде да ја смири тензијата во салата.

Собранието 20 дена дебатира за избор на членови на Комисијата за избори и именувања.

 

Миле Ристески