Францускиот суд одби да го испорача Харадинај

27.04.2017 16:29

Харадинај, кој е веќе слободен човек, рече дека пресудата е победа за Албанците. Реакции и од Приштина и од Тирана. Српскиот премиер Александар Вучиќ ја оцени одлуката на Франција како срамна, скандалозна, неправедна и пред сè политичка...

Судот во Колмар донесе одлука за ослободување на поранешниот лидер на ОВК, Рамуш Харадинај. Одбиено е барањето на српските власти за негова екстрација поради воени злосторства на Косово. Адвокатот на Харадинај наведе дека судот ја донел одлуката бидејќи во Србија тој не би имал фер судење и дека последиците од неговото испорачување би биле многу тешки за него.

Харадинај, кој е веќе слободен човек, рече дека пресудата е победа за Албанците. Реакции и од Приштина и од Тирана. Албанскиот премиер Еди Рама рече дека Харадинај повторно ќе се појави како победник во Приштина. Косовскиот претседател Хашим Тачи посочи дека одлуката на францускиот суд е добра вест. Изјави дека клеветите на разузнавачките служби на Србија против ОВК не се валидни и дека не се земаат предвид од демократскиот свет. Претседателот на Косовското собрание Кадри Весели, пак, напиша дека случаите како овој не треба да се повторат во иднина.

Во Белград седница на владата. Српскиот премиер Александар Вучиќ ја оцени одлуката на Франција како срамна, скандалозна, неправедна и пред сè политичка, поради што ќе биде упатена и протестна нота до Франција.

Денеска е голема победа на злосторниците. Победа на оние што можеле да вршат најстрашни дела и за кои денеска модерниот свет покажува дека било можно да ги сторат и да не одговараат за тоа“, рече Вучиќ.

Вучиќ рече дека Србија ќе продолжи да ги гони сите оние кои направиле воени злосторства, бидејќи тие дела не застаруваат. Им порача на граѓаните на Србија „да одат со крената глава по улица зошто не се тие што се понижени и поразени.

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово беше уапсен на 4-ти јануари на границата меѓу Швајцарија и Франција по потерница од Интерпол што по него ја распиша Србија. Министерството за правда потоа упати барање до Франција за негово испорачување со целата документација за истрагата што се води против него.

Една недела по апсењето тој беше пуштен на слобода за да ја чека одлуката на судот, но му бил одземен пасошот и му било забрането да ја напушта територијата на Франција. Истрагата против него е покрената во 2004-та година, а во јануари годинава беше проширена со нови обвиненија и докази, проследени во судот во Колмар.

Србија го бара поради сомнение за извршени кривични дела против цивилното население на Косово во текот на 1998 и 1999 година.

Марина Автовска