Печките на „Југохром“ остануваат ладни

27.04.2017 16:52

„Законот мора доследно да се почитува“- став на Министерството за животна средина за барањето на „Југохром“, да се овозможи работење на комбинатот.

Министерството за животна средина не го прифаќа барањето на раководството на „Југохром“, во периодот додека се гради системот за отпрашување, да се дозволи работа на комбинатот. Од ресорот велат- законот мора да се почитува.

„Го поздравуваме почетокот на активностите на Југохром, иако многу задоцнето. Ние остануваме на истиот став дека законот треба да се почитува и стандардите да се постигнат. Тука не се работи кој ќе дозволи, а кој не, се работи за доследно почитување на Законот. Преку инспекторатот секојдневно ќе го следиме процесот на поставуање филтри“, изјави министерот за животна средина, Башким Амети.

Вчера менаџментот и синдикатот на фабриката побараа од надлежните, додека трае изградбата на пречистителната станица, да почнат со работа со 50 насто капацитет, со што ќе се овозможи враќање на 600 отпуштени работници.