Заев најавува, ВМРО-ДПМНЕ предупредува

27.04.2017 17:01

„Мнозинството има право да ја донесе одлуката за избор на претседател на Собранието во оваа или во друга сала, во ходник, на скали, на Правниот факултет или во МАНУ“- порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од собраниската говорница. Вели- државен интерес број еден е да се одблокира демократскиот процес. ВМРО-ДПМНЕ го предупреди- да не се обидува да изврши државен удар. Партијата смета дека заев е под притисок да спроведе редефинирање на државата...

Има оформено парламентарно мнозинство кое според Уставот и собранискиот деловник треба да избере нов претседател на Парламентот. Трпението е при крај и тоа може да се случи секој момент,вели лидерот на СДСМ Заев. Нема да дозволиме да бидеме вовлечени во сценариото на ВМРО-ДПМНЕ. Изборот на нов спикер, како што смета Заев може да се случи во Собранието,но и надвор од него.

СДСМ има програма за нова влада, а во однос на платформата од Тирана, според Заев не станува збор за нејзино прифаќање туку дека тоа се почетни позиции на албанските партии искажани пред гласачите. Лаги се тврдењата дека ќе се менуваат Уставот,знамето, грбот, химната и дека македонскиот народ ќе се прогласи за геноциден. За она за што сме разговарале и за што ќе преговараме е во функција на јакнење на унитарноста на државата без никакви уцени, вели лидерот на СДСМ.

Заев е единствениот политичар што јавно повикал на уривање на државните институции и да се изведе државен удар, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Јасно е дека тој е под силен притисок  за да испорача одредени барања, се на штета на државните интереси, рече Антонио Милошоски.

Претседателот може да се избере само во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ, додаде Милошоски цврсто ќе стои во одбрана на демократските вредности и ќе го слуша гласот на народот.

Единствен излез од оваа политичка криза се брзи предвремени парламентарни избори заедно со локалните. Единствен што ја носи одлуката е народот кој ќе ги претставува нив, рече Милошоски.

 

Милчо Велески