МВР: Од Собранието евакуирани 30 пратеници
Во нарушувањето на јавниот ред и мир со повреди се здобиле неколку пратеници во Собранието и неколку цивили. При обидот да бидат спречени во намерата 10-тина полициски службеници се здобиле со повреди при што се префрлени на скопските клиники, се наведува во пишаното соопштение од МВР.

До 20:43 часот евакуирани се 30 пратеници од страна на припадниците на специјалната единица кои влегоа во Собранието на Република Македонија во 20:27 часот, информираат од МВР.
Денеска околу 18:50 часот граѓаните кои протестираа во организација на граѓанската инцијатива „За заедничка Македонија“ насилно влегоа во просториите на Собранието на Република Македонија. Во нарушувањето на јавниот ред и мир со повреди се здобиле неколку пратеници во Собранието и неколку цивили. При обидот да бидат спречени во намерата 10-тина полициски службеници се здобиле со повреди при што се префрлени на скопските клиники, се наведува во пишаното соопштение од МВР.
Во оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи присутни се министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, заменик директорот на Бирото за јавна безбедност Бесир Деари, помошници на министерот, помошници на директорот, како и останатите раководители-членови на оперативниот штаб.
Во оперативниот штаб во 20:08 часот директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков издаде наредба на припадниците на специјалната единица да применат овластување и да создадат услови за безбедна евакуација на пратениците и воспоставување на нарушениот јавен ред и мир, велат од МВР и посочуваат дека мерки се преземаат и понатаму во Собранието.
