Светските медиуми за случувањата во Македонија

28.04.2017 10:28

Последните случувања во Собранието на Република Македонија се на насловните страници на светските медиуми...

„Тепачка во собранието“, „Хаос во Скопје“, „Револтираните националисти влетаа во Парламентот“ се дел од насловните страни на светските медиуми кои известуваат за инцидентите во Собранието на Република Македонија.

„Си-ен-ен“ пишува дека инцидентите почнале по изборот на албански пратеник за претседател на собранието. Ја пренесуваат изјавата од амерканската амбасада во Скопје. Текстот е илустриран и со фотографии од народот пред законодавниот дом и полициското обезбедување.

На „Би-би-си“ е наведено дека демонстрантите, кои биле поддржувачи на поранешниот премиер на Македонија и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, барале нови избори.

„Јуроњуз“ пишува за демонстрантите кои влетаа во парламентот на Република Македонија и го повредиле лидерот на Социјадемократите Заев кој се обидел да формира нова влада. Додаваат дека инцидентот почнал откако СДСМ и албанските партии го изгласале Талат Џафери за собраниски спикер. „Јуроњуз“ и натаму не ословува со кратенката „ФАЈРОМ“, односно ПЈРМ.

„Ал Џезира Балканс“ објави: „Состојбата во Скопје се нормализира, повредени се над 100 луѓе“.

Јапонските медиуми коментираат дека меѓу демонстрантите имало маскирани лица, а објавено е и видео од инцидентот во прес-центарот на македонското собрание.

РТС И ХРТ објавија „Мирна ноќ во Македонија, шатори пред Собранието“.

Британски „Гардијан“ известува и за обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов кој побара сите страни да се однесуваат разумно и одговорно. За денеска, пишува британскиот дневник, Иванов ги повика на состанок лидерите на главните политички партии.

Маја Филдишев