САД: Економски сакнции и дипломатски притисок против Северна Кореја

28.04.2017 10:46

Соединетите Американски Држави ќе воведат поголеми економски санкции и дипломатски притисок против Северна Кореја која е најголемата закана по американската и светската безбедност. Ова произлезе од брифингот во Белата куќа на 100 американски сенатори ос страна на државниот секретар Рекс Тилерсон, секретарот за одбрана Џејмс Медис и директорот на Националната разузнавачка агенција Ден Коутс.

Северна Кореја е најголем приоритет на американската надворешна политика бидејќи претставува најголема безбедносна закана. По брифингот во Белата куќа на стоте сенатори од страна на државниот секретар Рекс Тилерсон, секретарот за одбрана Џејмс Медис и директорот на Националната разузнавачка агенција Ден Коутс, ќе бидат воведени поголеми економски санкции и дипломатски притисок против Северна Кореја за продолжување на преговорите и за стопирање на пробите на проектили. Доколку Северна Кореја продолжи да тестира проектили, не се исклучува и американска воена интервенција.

„За противникот Северна Кореја доволно е кажано. Загрижува нивото на ескалација и непредвидливост на Северна Кореја“, изјави Џон Ричардсон, шеф за операции на Американската морнарица.

САД веќе испрати воен брод во регионот на Северна Кореја и вети поддршка на сојузниците Република Кореја и Јапонија. Воената интервенција во Сирија беше изведена од страна на американски воени бродови, а специјалци на американската морнарица се вклучени во борбите против Исламската држава во Рака. За да одговори на предизвиците, американската морнарица очекува повеќе бродови и финансии и модернизација.

Според американски воени лица, освен Северна Кореја закана по светската безбедност се и Иран и терористите.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашинтон за МРТ