Пред Собранието мирно, се преземаат дејствија за расветлување на настаните

28.04.2017 11:57

Нема собрани граѓани, но се засилува присуството на полицијата. Пред главниот влез на собраниската зграда се поставени шатори на поддржувачите на иницијативата „За заедничка Македонија“. Јавното обвинителство на Република Македонија презема дејствија за расветлување на настаните и утврдување на фактите што се случуваа во Законодавниот дом вчера...

По синоќешните инциденти, пред Собранието на Република Македонија денеска состојбата  е мирна. Нема собрани граѓани, но се засилува присуството на полицијата. Околу собраниската зграда се поставени метални барикади, а улиците се затворени за сообраќај. Пред главниот влез на собраниската зграда се поставени шатори на поддржувачите на иницијативата „За заедничка Македонија“.

Јавното обвинителство на Република Македонија презема дејствија за расветлување на настаните и утврдување на фактите што се случуваа во Законодавниот дом вчера, информираат од ЈОРМ.

Согласно своите надлежности, Јавното обвинителство ќе постапува во сите случаи каде ќе биде утврдено кривично дело и за секој од настаните по документирањето ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука, е наведено во соопштението.

Обвинителството воспоставило и вонредни дежурства, а надлежните јавни обвинители биле во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи.

Безбедносната состојба во скопје, околу и во Собранието, по полноќ беше нормализирана, информираат од МВР. Оттаму велат дека во протестите во Собранието биле повредени 109 лица, од нив 70 граѓани, 22-јца полициски службеници и тројца пратеници.

И во касарната Ѓорче Петров е укажана лекарска помош на уште 7 лица. МВР презема мерки и активности за заштита на сигурноста на граѓаните, објектите и обезбедување стабилна безбедносна состојба. 

Инаку, инцидентите во Собранието почнаа откако опозицијата ја прекина дебатата за Комисијата за избори и именувања и прејде на избор претседател на Собранието. По изборот на Талат Џафери од ДУИ во Собранието се пееше македонската химна, но пратениците од албанскиот блок партии ја испеаја албанската химна.

По ова, во Законодавниот дом влегоа демонстрантите од граѓанската инцијатива „За заедничка Македонија“ кои и претходно најавуваа дека нема да дозволат прифаќање на Тиранската платформа и двојазичност во Македонија.

Од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ вчера најавија дека че останет пред Собранието сѐ додека не се реши да се оди на предвремени избори. Вчеравечер беше најавено дека од целата држава, граѓаните ќе се упатат кон Законодавниот дом.