Реакции по вчерашниот инцидент во Собранието
Осуда за вчерашниот инцидент во Собранието пристигна и од македонското Министерство за надворешни работи, од каде што велат дека обидот за избор на претседател на Собранието вон постапките пропишани со Уставот и законите предизвика граѓаните насилно да влезат во Законодавниот дом и да има повредени лица меѓу кои и пратеници. Мора да се почитуваат законските прописи и од министерството велат, дека треба да се сретнат политичките челници за решавање на кризата и смирување на тензиите. Следуваат и реакциите од Европската унија, НАТО, САД, како и од опкружувањето на земјава.

Турбулентната ситуација создадена вчера во Македонија, меѓу главните теми на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Малта. Оттаму високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини со осуда за насилството во земјава.
„Она што синоќа го видовме во Скопје е многу загрижувачко и многу тажно за сите нас. Секогаш сметаме дека насилството е неприфатливо, особено кога се случува во храмот на демократијата, односно Собранието. Ние веруваме дека сите во Скопје треба да ги следат уставните принципи, демократијата и да се обидат да ја извлечат земјата од оваа сериозна криза, која може да биде опасна“, изјави Могерини.
Могерини и Хан уште синоќа испратија пораки за смиреност во земјава и го честитаа изборот на спикер во Собранието. Слична порака пристигна и од Амбасадата на Соединетите Американски Држави.
„Ги повикуваме сите страни да се воздржат, да ги смират тензиите и да не употребуваат сила“, изјави Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд. Тој оцени дека ситуацијата во Парламентот во Скопје е алармантна.
Организацијата на Обединетите нации соопшти дека со исклучителна загриженост го следи развојот на ситуацијата во Македонија и воедно повикаа на мир и воздржаност.
„Насилството насочено кон демократските институции и избраните претставници на народот е неприфатливо“. Во соопштението, објавено на интернет страницата на светската организација, се повикуваат сите политички сили, преку демократски средства, да ги разрешат меѓусебните несогласувања, согласно со Уставот.
Загриженост за состојбата во земјава на социјалните мрежи изрази и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Шокиран сум од нападите во Парламентот во Скопје. Сите партии треба да го почитуваат демократскиот процес и да се ангажираат во дијалог, а не во насилство”, напиша Столтенберг.
Воздржување од сите страни и итно воспоставување на редот и мирот во земјата преку соопштение побараат и австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц и генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.
Осуди за насилството и порака за загриженост пристигнаа и од регионот.
„Она што се случува во Македонија не е повеќе само македонски проблем, туку е проблем на сите нас кои живееме тука“, изјави српскиот премиер кој е избран за претседател, Александар Вучиќ.
„Со тага и вознемиреност гледаме дека Македонија се лизга во длабока политичка криза“, напишаа во соопштението од грчкото МНР.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов настојува за наоѓање политичко решение за ситуацијата во земјава.
Дека насилството не е начин за решавање на проблемите порача и турскиот претседател Ердоган, кој побара турската заедница во Македонија да заземе умерен став.
Порака до албанската заедница во земјава испрати албанскиот премиер Еди Рама кој побара да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации.
Катерина Топалова
