48 лица побарале помош во Градската болница по инцидентите во Собранието

28.04.2017 13:04

Шестмина повредени биле хоспитализирани, од нив четворица се пуштени на домашно лекување, вели директорката Чабуковска.

48 лица се примени по инцидентите, велат во Градската клиника „Свети Наум Охридски“. Шестмина повредени биле хоспитализирани, од нив четворица се пуштени на домашно лекување, вели директорката, д-р Јасмина Чабуковска.

„На преглед се јавија вкупно 48 лица. Кај сите беа направени лабараториски и радиолошки испитувања. Беа хоспитализирани 6 лица, доминираа повредите на главата, на вратот, а во подоцнежните часови имаше повредени од шок бомби, со посекотини кај пациентите. Сите пациенти се во стабилна општа состојба, од нив четворица веќе се пуштени на домашно лекување. Остануваат двајца кои очекуваме исто до крајот на денот да бидат пуштени на домашно лекување. Еден пациент е веќе опериран, се работеше за повреда на Ахилова тетитва и во текот на ноќните часови е згрижен“- вели д-р Чабуковска.

Најголем број од повредените лица биле граѓани, како и четворица од безбедносните сили кои што се здобиле со повреди од протестите, додека пратеници не биле згрижени во Градската болница.